Зошто депресијата е многу повеќе од тагување

Во нашиот модерен дискурс, често умееме да се самоетикетираме со „депресија“ кога се чувствуваме тажни, очајни или макар малку поместени надвор од својата внатрешна комфор зона. „Денес ми е депресивен ден“, „Многу сум депресивна“ и „Сите се во депресија периодов“ се реченици кои се слушаат на секој втор агол, особено околу празничната глува доба. Крајот на годината неизбежно повлекува промислување на изживеаното во текот на изминатите месеци, и многумина од нас завршуваат во циклус на самоизмачување поради пропуштените шанси, непостигнатите цели и воопшто, мачниот одговор на прашањето „Што постигнав?“
Живеејќи во политички нестабилна заедница под забрзано влијание на западните вредности, кои на пиедестал ја ставаат хиперпродуктивноста на своите членови, со сигурност може да се каже дека хаотичниот општествен тек носи негативни последици по менталното здравје на неговите членови, кои најчесто само се борат да се одржат „на површина.“ Оттука, не е чудно што толку често го слушаме или водиме разговорт околу депресијата и анксиозноста, инаку сестри близначки во психата на доцномодерниот човек. Меѓутоа, со цел тој разговор да има смисла и да содржи вистински потенцијал за ослободување од непосакуваните ментални состојби, мораме да почнеме отпочеток, и тоа од разграничување на поимите.
Пред се’, депресијата не е тага, ниту пак меланхолија. Повременото летаргично или меланхолично расположение е својствено за секое човечко суштество – дури и во периоди подолги од неколку дена. Тагата е вообичаена емоционална реакција на загуба. Во кратки црти, кога ќе изгубиме нешто во кое сме инвестирале многу енергија, љубов, надеж или работа, нашиот психосоматски мотивациски-емоционален систем ни го сигнализира неуспехот и „отвора врата“ за наплив од тага, која ни овозможува да ја „свариме“ болката која сме ја доживеале. Како една од базичните емоции, заедно со стравот, гадењето и гневот, тагата е корисна во тоа што ни овозможува период на контемплативно оджалување на пропуштеното/изгубеното и признавање на сопствените грешки.
Од друга страна, депресијата е далеку поперзистентна афективна состојба која содржи репетитивни негативни руминации (црни мисли), намалена енергија, волја и концентрација и губиток на смислата во секојдневието, професионалниот живот и социјалните односи; придружена со комплексни физолошки промени во телото кои го вклучуваат спиењето, исхраната и имуниот систем. Некои психолози и филозофи сметаат дека депресијата може да содржи конструктивен предзнак и да отслужи кон позитивен исход, со тоа што ги принудува луѓето кои ја искусуваат да се фокусираат на своите проблеми во изолација пред да пристапат кон нивно практично решавање.
Кај поединците кои искусуваат депресија се случува скоро целосна мотивациско-емоционална и бихејвиорална блокада. Со тоа се прекинува целисходното насочување на ментална енергија со која тие располагаат – односно, кога се’ ни изгледа промашено, црно и неважно, зошто би имале причина да инвестираме макар ронка од резервоарот на енергија за кој ионака чувствуваме дека е дупнат и протекува со секој изминат ден? Во состојба на депресија, нашиот внатрешен логички систем скоро и да не успева да идентификува потенцијална продуктивна инвестиција на енергијата, па оттука, повеќето депресивни симптоми можат да се опишат како емоционално-бихејвиорално блокирање на внатрешниот систем (кој меѓудругото служи и за распределба на ограниченото количество на енергија со кое располага секој од нас). На несвесно ниво, депримираниот ум одлучува дека џабе е било какво дејство кога се’ што би можел да превземе е осудено на пропаст уште од самиот старт – и активира соодветни психорегулаторни механизми за да го заштити или одбрани депримираниот од нови неуспеси.
Главните симптоми на депресивна епизода се:
- Руминација: повторување на иста/и негативна мисла/и или бесконечно разглобување на проблем без да се постигне решение
- Црни мисли на безвредност и бесмисла
- Мешавина од негативни емоции: очај, немоќ, безнадежност, тага, срам, вина
- Иритабилност: краток фитиљ, намалена толеранција на фрустрација
- Анхедонија: апатичност или губиток на интересите, волјата и чувството на задоволство
- Потешкотии со внимание и концентрација
- Инсомнија или хиперсомнија: нарушен циклус на спиење
- Губиток на апетитот или друг тип на нарушување во циклусот на исхрана
- Мисли на самоубиство
Руминацискиот процес, колоквијално попознат како имање „црни“ мисли е една од најпроминентните карактеристики на депресивно-анксиозните растројства. Вообичаено, тоа е маѓепсан круг кој отпочнува со депресивни чувства кои предизвикуваат репетитивно вртење на исти, честопати ужаснувачки, мисли, проследени од зголемена анксиозност поради немањето решение на проблемот (кој често е погрешно поставен и делува апсолутно нерешлив), која потем води кон уште подлабоки депресивни чувства.
Понатаму, овде е важно да ја правиме разликата меѓу депресивната епизода како реакција наспроти истата како растројство или болест.
Кога депресивната епизода се случува како одговор на некој стресоген настан или во контекст на загуба и траума, како на пример смрт на блиска личност, професионален неуспех, раскинување на врска, разорен земјотрес, итн., тогаш велиме дека се работи за депресивна реакција која е сосема адекватна со оглед на дадениот контекст.
Кога депресивната епизода не е реакција на негативни надворешни настани, туку е перзистентно чувство на меланхолија и анхедонија кое влијае на когнитивните процеси и не „поминува“ сама од себе ниту пак дозволува да биде „излечена“ на вообичаен начин преку дружење, работни активности, хобија итн., тогаш се работи за посериозен случај на депресивно растројство или заболување кое функционионира создавајќи бесконечен циклус на когнитивни и емоционални депресивни симптоми кои можат можат да бидат многу перзистентни дури и при одлични услови на психосоцијална поддршка.
Овде не намеруваме да нудиме “утеха“ од типот на совети за медицински третман на депресијата, имајќи ја на ум сегашната ера на хипермедикализација на психолошките процеси. Реалноста, а и статистиката, велат дека лековите можат да помогнат само толку колку што ние ќе им дозволиме со активна работа на себе и вложување на сопствените его-потенцијали во битката за „испливување на површина“. Поважно е да учиме да разграничуваме меѓу она што депресијата е, и она што не е, и оттука прво да најдеме смисла за симптомите кои ги искусуваме, а потоа и да се поставиме соодветно кон нив.
Ако се борите со депресивни симптоми, пред се’ запрашајте се дали ова што го искусувате е разбирлива реакција на некој неодамнешен стресоген настан, или подалечна ситуација која се’ уште ја немате преболено, или пак се работи за опресивна афективна состојба која ве држи како заробеници во лошо расположение и безволност, нагризувајќи ви ги меморијата, вниманието, професионалниот живот и социјалните односи?
На крајот, како и да ја наречеме, депресијата е реалност за многумина – за многу повеќе луѓе од што мислиме, кога погрешно прогнозираме дека само нам ова ни се случува. И затоа е добро да се запомни дека никогаш не сме сами во битката за „живот над површината.“ Доколку имате чувство дека не можете повеќе сами да се справите со напливот на депресивни симптоми – обидете се да го совладате поривот за изолација и побарајте поддршка од најблиските и заедницата, a доколку е потребно, побарајте и стручна помош. Најважно е да запомните дека нема потреба да страдате сами – токму напротив, тоа е она што може да ве држи заробени во интрапсихичкиот затвор на депресијата.