Стигмата и менталното (не)здравје

Прашањата околу менталните нарушувања се неодвоиви од прашањата поврзани со човечките права, со оглед на интензивната стигма, дискриминација и неретко нарушување на човековите права кои ги сносат поединците кои искусуваат ментални растројства и нивните најблиски. Овој бран на негативни услови и последици пак е поврзан со генералниот впечаток дека нарушеното ментално здравје е еднакво на „полудување“, а кога човек “ќе полуди“, враќање назад нема. Истиот тогаш бива набљудуван како таков уште многу долго време, што влијае разорно врз неговиот квалитет на живот. Колку пати сме ја залепиле на нечиј грб етикетата „луд“?
Неинформираноста и перзистентната стереотипизација на менталните заболувања честопати ги спречува луѓето кои се борат со ментални нарушувања од барање помош, но и ги става нивните семејства во незавидна положба – тие од една страна немаат ресурси за адекватно да се справат со менталните кризи на своите блиски, а од друга страна мораат да војуваат со последиците кои ги носи општествениот притисок да се биде и остане „нормален“ по секоја цена. Живеејќи во нашава реалност, границите меѓу нормалното и ненормалното како условни категории секојдневно се поместуваат. Но ова скоро и да не го забележуваме додека се трудиме да останеме сосема „нормални“, обидувајќи се со тоа да ја потенцираме разликата меѓу нас и оние кои веќе „полуделе.“
Ваквите поделби во општеството имаат само еден можен завршеток: ограничување на правата и слободите на ранливите категории на граѓани, на кои ионака им е тешко да се справат со своите здравствени проблеми, со кои се оставени да се носат сами, без адекватна помош и солидарност од заедницата. Во Македонија, превентивните, но и кризните служби и центри се ретки и во принцип се недостапни на голем број граѓани на кои неопходно им требаат.
Додека на светската сцена ажурно се работи на поместување на фокусот од грубата медикализација на растројствата кон многу похуманистички пристап на набљудување на секој поединец како уникатен и вреден, кај нас се чини дека допрва не чека еден тон работа при основното, базично информирање на граѓанството околу менталното здравје, важноста на неговото негување и важноста на дестигматизацијата на сите прашања околу него.
Според Светската Здравствена Организација, менталните нарушувања, во кои спаѓаат клиничката депресија, злоупотребата на супстанци, шизофренијата и биполарното растројство, се водечка причина за работна и социјална онеспособеност кај младите луѓе на глобално ниво. На глобално ниво, околу 300 милиони луѓе од сите возрасти страдаат од депресија, и тоа повеќето од нив се жени. Оттука, превенцијата на менталното здравје станува се’ поважна, но со неа стануваат се’ поважни и општествените услови во кои живееме. Брзиот развој на технолошкото општество, забрзаното распаѓање на форматот на семејството какво што го познаваме, стресот од секојдневното „крпење“ крај со крај, итн., итекако имаат улога во зголемениот број на ментални нарушувања и се подебелиот психијатриски прирачник за дијагностицирање DSM.
На пример, во Скопје постои Заводот за ментално здравје на деца и младинци „Младост“, со своите основна дејност во областа на примарната, секундарната и терциерната превенција на менталното здравје. Таму е пресудно раното откривање и дијагностицирање, а потоа и адекватното третирање и рехабилитирање на корисниците на услугите. Но и покрај тоа што ЗМЗ постои околу 50 години во нашата земја, институцијата, како и одличните услуги кои ги пружа, е се’ уште стигматизирана во очите на пошироката јавност. Родителите кои се соочуваат со проблеми во однесувањето или психосоцијалниот развој на своите деца често поаѓаат таму со наведната глава, како да треба да се срамат од некаква своја родителска неспособност, или како да е срамно што воопшто на нивното дете му треба таква помош, а да не ги спомнуваме последиците од тоа „да се расчуе“ дека секоја недела одат во ЗМЗ.
Значи – првиот чекор во борбата за унапредување на менталното здравје за СИТЕ граѓани мора да биде направен во насока на дестигматизација на менталните проблеми со кои се соочува скоро секоја индивидуа во одредени фази од животот. Психичкото здравје на човекот повеќе наликува на димензија отколку на бинарен симбол, изделкан од камен – па оттука, оваа димензија е многу поосетлива на општествените влијанија, притисоци и промени отколку што мислиме, а за да се одржи во баланс, не е доволно само да „посакаме“ здравје – потребна е мрежа од емпатија, солидарност и соработка.
Имајте среќна и слободна 2018та!
Со љубов,
Задруга Психоактив